Историјата на контактните леќи
- 1508 - првата илустрација на контактни леќи, од Леонардо да Винчи [Leonardo da Vinci]
- 1887 - германскиот физиолог Адолф Фик [Adolf Fick] ги направил првите леќи. Тие биле направени од стакло и го покривале целото око.
- 1912 - Карл Цајз [Carl Zeiss] ги развил стаклените леќи така што тие ја покривале само рожницата.
- 1938 - двајца научници Обриг и Мулер развиле пластични леќи направени од плексиглас.
- 1948 - Кевин Туохи [Kevin Tuohy] ги направил првите пластични леќи кои ја покриваат само рожницата.
Леќите на почетокот од нивната историја биле неудобни и непријатни. Го намалувале кислородот, излегувале од окото, се поместувале и било многу тешко да се извадат. Со текот на времето и развитокот на технологијата тие станале помали, поудобни и ПОМЕКИ.
Првите меки контактни леќи се направени од хемичари во Чехословачка.
Во 1952 година професори од отсекот за пластични материјали на Техничкиот универзитет во Прага си поставиле задача да дизајнираат нов материјал. Немале намера да направат контактни леќи, но во 1954 тимот на научници го открил т.н. ,,хидрофилен" гел, полимерна пластика која е погодна за очни импланти. Тие веднаш го препознале тоа и почнале со истражувања врз животни. Ова не наишло на одобрување кај нивните колеги од областа на оптиката, но еден од научниците, Ото Wichterle продолжил со усовршување на меките леќи во својата кујна. Тој и неговата сопруга произвеле 5 500 пара контактни леќи во својата куќа во 1961 година, а нивниот успех го придобил вниманието на пошироката научна јавност. Американската фирма Baush & Lomb ја лиценцира оваа технологија и ги лансирa Softlens во 1971 година. Само во првата година оваа компанија продала околу 100 000 пара и од тогаш меките леќи имаат голема комерцијална употреба. Околу дваесет години подоцна фирмата Ciba Vision (денешна Alcon) ги претставува своите меки леќи со силиконски хидрогел кои што нудат поголема пропустливост на кислород.
Денешните леќи се поиздржливи, поудобни, тенки и лесни за носење.
Тие обезбедуваат продорен поглед и континуирано чист вид, немате повремени прекини во сликата заради одблесоци ниту пак замаглување при премин од топол во ладен простор. Периферното видно поле е целосно покриено што е особено важно при возење и спортување. Обезбедуваат безгрижност и флексибилност во било какви нагли движења. Никој не знае, а вие заборавате дека ги носите.