Астигматизмот (познат и како ,,цилиндар”) е веројатно најчестиот проблем со очите денес. Но тоа не е сериозен проблем и може лесно да се регулира.
- Што е всушност АСТИГМАТИЗАМ?
Светлосните зраци минуваат низ проѕирни, безбојни делови на предниот дел на окото. Притоа, тие претрпуваат измени наречени прекршување. Овие светлосни зраци, преку рожницата, црнката, леќата и стаклестото тело паѓаат во централната вдлабнатина или т.н. жолта дамка.(сл.1)
Од тука овие светлосни дразби преку очниот нерв се пренесуваат до центарот за вид во тилниот дел од кората на големиот мозок. Таму се анализираат и ние добиваме сознанија за големината, изгледот, бројот, бојата на предметите и слично. Затоа е важно светлината да се прекрши правилно и да падне во жолтата дамка.
Кај правилно обликувано око леќата или рожницата на окото имаат целосно заоблена форма како на топка. Кај луѓето кои имаат астигматизам овие две очни компоненти имаат неправилен, јајчест облик. Затоа светлосните зраци не се прекршуваат правилно на мрежницата.
Што значи тоа?
Додека кај целосната топка има само една кривина (сл.2), кај јајчестиот облик има две кривини односно две површини - едната кружна, а другата елипсоидна (сл.3). Ова води кон тоа светлината да паѓа под два различни агли позади окото. Затоа сликата кај луѓето со астигматизам е заматена и нејасна.
- Кога се појавува?
Оваа состојба најчесто се појавува во комбинација со кратковидност и далековидност. Астигматизмот како деформација на видот може да се појави и кај деца и кај возрасни. Често оваа аномалија се појавува уште од раѓање, но може да се развие и подоцна во животот, некогаш како последица на повреда, заболување или операција на окото. Генетските предиспозиции се исто така влијателен фактор за развивање на оваа деформација, доколку во семејството постои историја на астигматизам или на други очни болести или деформации. - Симптоми за развиен астигматизам се:
-заматен и нејасен вид одблизу и оддалеку, вертикално или хоризонтално
-уморни очи
-иритација на очите
-чести главоболки
-потешкотии при гледање навечер
Кај малите деца е потешко да го идентификувате бидејќи децата ретко се жалат на проблеми со видот. Тие се лесно прилагодливи и ќе го прифатат таквиот начин на гледање. Затоа кога ќе забележите дека вашето дете го затвора едното око, тешко се фокусира, одбива да чита или да гледа телевизија однесете го на преглед. - Лекување
-Најчесто се носат очила кои имаат цилиндрични стакла (овие стакла изгледаат исто како и сите други, но имаат различна диоптрија под различни агли, кои вашиот лекар ќе ги напише на рецептата)
-Се носат контактни леќи кои се наменети за луѓе со астигматизам
-Со ласерско отстранување